Во рамките на Регионалниот проект „Преземање на акција за социјална инклузија на старите лица“, од 25 до 27 јанузари 2019 година во Струга се одржа финална работилница во организација на Црвениот крст на РМ и Здружението Хуманост, партнери во проектот во Македонија. Целта за  одржување на финалната работилница беше да се заокружи тригодишната имплементација на проектните активности кои беа координирани од страна на Црвениот крст на Србија, а се реализираа во пет земји на Западен Балкан, Србија, Македонија, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Проектот е финансиран со поддршка на Европската унија, Австриската агенција за развој и Австрискиот Црвен крст.

На  финалната работилница учествуваа здруженија на граѓани – членки на мрежата ИнклузиваМ, здруженија на граѓани корисници на под грантови за имплементација на мали проекти за социјална инклузија на стари лица, претставници на Министерство за труд и социјална политика,  Институтот за јавно здравје, Институтот за социјална работа и социјална политика, градот Скопје и UNFPA. На финалната работилница присуствуваа и проектните координатори од Црвениот крст на Србија Наташа Тодоровиќ и д-р Милутин Врачевиќ.

На отворањето на финалната работилница се обратија генералниот секретар  на Црвениот крст на Република Македонија д-р Саит Саити, како и извршниот директор на здружението Хуманост, Сашко Јованов. Тие го истакнаа значењето на  тригодишната имплементација на проектот кое позитивно се рефлектираше во нашата држава во насока на обезбедување приоднес во социјалната вклученост на постарите лица.

На работилницата од страна на проектниот координатор Љупка Петковска, стручен соработник во Црвениот крст на РМ, беа претставени остварените резултати од  имплементираниот проект во Македонија. Од страна на регионалниот координатор Наташа Тодоровиќ беа споделени и постигнатите резултати од проектната имплементација во петте земји.

Во текот на финалната работилница на различни теми посветени на староста и стареењето говореа проф. д-р Сунчица Димитријоска од Институтот за социјална работа и социјална политика на тема за прифаќање на староста; за политиките на градот Скопје за испорака на услуги на ранливи целни групи, со акцент на стари лица, говореше, Наташа Манеска, од Град Скопје; предлог измените на Законот за социјалната заштита во Република Македонија, ги претстави Зоран  Блажевски од  Министерство за труд и социјална политика; за демографските трендови на населението, говореше Ирена Спирковска од UNFPA, на тема „Здравјето на старите лица во РМ“ говореше проф. д-р Елена Ќосевска од Институтот за јавно здравје. На работилницата беше претставена и Анализата на Националната стратегија за стари лица 2010-2020 година, од страна на Сашко Јованов од Хуманост, која беше спроведена минатата година и земаа учество членките на мрежата.

На финалната работилница од страна на претставници на 12 здруженија на граѓани  беа презентирани постигнатите резултати од  реализација на малите проектни активности за социјална вклученост на старите лица  во заедниците. Од спроведените мали иницијативи во петте земји ќе биде публикувана брошура која ќе биде испечатена на сите јазици на земјите учеснички во проектот.

На крајот на финалната работилница беа дадени  предлози за одржлив развој на мрежата ИнклузиваМ, која ќе продолжи да функционира и по завршување на регионалниот проект. Во мрежата членуваат вкупно  9 здруженија на граѓани и Црвениот крст на РМ, и како резултат на успешно имплементираните активности, поттикнат е интерес за вклучување на нови четири здруженија на граѓани. Од страна на сите учесници беше искажано големо задоволство од постигнатите резултати на мрежата ИнклузиваМ и беше истакната како позитивен пример на мрежно поврзување на граѓанскиот сектор која бележи видливи резултати во земјата.