Социјална инклузија на старите лица

Социјална инклузија на старите лица

Поголема координираност меѓу креаторите на политиките, давателите на услуги и старите лица за унапредување на квалитетот на нивниот живот, поголема информираност за правата и услугите од социјална заштита, како и поголем пристап до нив, издигање на јавната свест за отворање дневни центри и центри за давање помош во домашни услови, се дел од препораките од истражувањето „Потреба од социјални и здравствени сервиси за стари лица“. Анализата ја направија Црвениот крст на Република Македонија и здруженијата „ИнклузиваМ“ и „Хуманост“ во рамките на регионалниот проект „Преземање акција за социјална инклузија на старите лица“, финансиран од Европската Унија.

Проектот почна да се реализира од 2016 година и во изминатите три години е постигната идејата за зајакнување на капацитетите на членките на „ИнклузиваМ“ и утврдување на приоритетите.

Целта на проектот, како што истакна координаторката и стручна соработничка во Црвениот крст Љупка Петковска, е подобрување на капацитетите на мрежите на граѓанските организации за издигање на свеста кај јавноста и влијание на процесите на донесување одлуки за социјално вклучување на старите лица во земјите од Западен Балкан на национално и регионално ниво. Во рамки на проектот во Струга беше организирана тридневна работилница за зајакнување на капацитетите на членките на „ИнклузиваМ“ во насока на стекнување одредени вештини и знаења за застапување и комуникација пред медиуми. Учесниците на работилницата, поделени во групи, имаа можност теоретски и практично да научат како да се однесуваат при јавен настап и пред медиумите, а нивен предавач беше новинарот и универзитетски професор Марјан Танушевски.

Сервиси за социјални и здравствени услуги

Еден од утврдените приоритети во анализата е потребата од отворање сервиси за социјални и здравствени услуги за старите лица во домашни услови. За оваа намена е спроведено и истражување врз основа на кое е подготвена анализа за потребата од социјално здравствени сервиси за старите лица во Република Македонија. Според анализата, меѓу другото, неопходно е одвојување средства од државниот и локалните буџети за развој на центри за давање помош во домашни услови.

-Податоците говорат дека се потребни вакви сервиси. Податоците од анализата беа основа врз која подготвивме стратегија за застапување на мрежата која овозможи да се преземат мерки и активности со цел да се издигне јавната свест и да се влијае во процесите на донесување одлуки за социјална инклузија на старите лица, појасни Петковска.

Преку Црвениот крст на Град Скопје осма година функционираат Дневен центар за стари лица и Центар за давање помош во домашни услови. Преку нив се нудат услуги за лица во третата доба и се посетуваат во домашни услови. Во рамките на домашните посети на стари и изнемоштени лица се опфатени 180 корисници.

-Се реализираат посети во домашни услови од страна на медицински сестри, кои вршат проверка на крвен притисок и гликемија во крвта, а се обезбедуваат и лекови. За овие стари лица во домашни услови волонтерите на Црвениот крст ги реализираат следните активности: социјални разговори, набавка на продукти, набавка на лекови, придружба на лекар, прошетки, помош во домашни обврски, плаќање сметки итн., информира Петковска.

Вакви услуги, додаде, добиваат старите од општините Кисела Вода, Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Чаир, Бутел, Шуто Оризари и Сарај.

За активните стари лица во функција се три дневни центри и во Центар во „Даре Џамбаз“, во Сарај во училиштето „Дитурија“ и во Чаир во просториите на општинската организација на Црвениот крст.

-Во овие дневни центри за стари лица се спроведува програма на месечна основа. Дел од активностите што се спроведуваат се: чи конг вежби, сликарска работилница, едукативни предавања, здравствено-превентивни прегледи (антропометриски мерења, гликемија, крвен притисок), музички активности, прошетки, објаснува Петковска.

Дневен центар за стари лица и центар за давање помош во домашни услови функционира и во населбата Маџари, а интенција е да има и во останатите општини во Македонија.

Забава и дружење на пензионерите

Повозрасните лица слободното време го исполнуваат преку различни активности од едукативен карактер, креативни работилници и рекреативни активности што им овозможуваат да бидат поактивни и здраво да живеат.

Здружението „Јустиција“ од Куманово е член на мрежата „Инклузива М“, едно од добитниците на мини-грант со кој го реализира проектот „Самодовербата и социјалната инклузија, предуслов за достоинство стареење“. Претседателката на здружението Оливера Доцевска појасни дека проектот бил во насока на истакнување на капацитетите и професионалните можности и способности на возрасните лица во третата доба, кои можат многу да придонесат не само за себе, туку и за општеството.

Во соработка со Здружението на пензионери од Куманово преку работилници пензионерите биле запознаени со основите на проектирање и менаџирање грантови, како да ги застапуваат своите интереси во јавноста, направено е вмрежување со единицата за локален и економски развој…

– Старите лица од Здружението на пензионерите во Куманово стекнаа основни предзнаења да аплицираат за европски проекти. Се обидовме да ги поттикнеме нивните креативни способности. Имавме и работилници за креативно сликање на стакло, за создавање поезија. Завршната работилница беше креативно едукативна за латиноамерикански танц „бачата“ . Пензионерите и пошироката јавност беа воодушевени од енергичноста и виталноста на пензионерите. Имаше и работилница за односи и застапување на нивните интереси во јавноста. Стекнаа основни предзнаења како да настапат во јавност, како да се соочат со медиумите, како да се претстават сами и како да лобираат за своите интереси, појасни Доцевска, оценувајќи го проектот како успешен.

За активностите што ги реализира здружението „Јустиција“, кумановските пензионери, како што подвлече Доцевска, најчесто се информираат преку социјалните мрежи и во меѓусебна комуникација во Здружението на пензионерите.

Постарите лица имаат интерес за негувателки

Црвениот крст, како што подвлече стручната соработничка Љупка Петковска, лани верификувал програма за обука на негуватели на стари и изнемоштени лица со која се опфатени 40 долгорочно невработени жени, кои по завршувањето на обуката се стекнале со сертификати за оваа намена. Интерес за негувателки има. Се јавуваат постарите граѓани за да им се овозможи таква услуга. Ние ќе продолжиме со вакви обуки со цел да им се овозможи нега на старите лица во нивните домови. Се работи за соодветна нега и грижа во нивните домови. За давање помош надвор од домот се ангажирани волонтери на Црвениот крст, кои ѝ помагаат на оваа категорија граѓани.

Ресорното министерство дава поддрша за старите лица

Министерството за труд и социјална политика, како што информира Зоран Блажевски, советник во секторот социјална заштита на инвалиди и стари лица, им дава поддршка на сите невладини организации за реализација на проектите во насока на подобрување на квалитетот на живот на старите лица

-Во 2010 година Владата донесе Национална стратегија за стари лица, чија главна цел е подобрување на квалитетот и квантитетот на животот на старите лица. Во изминатите осум години има значајни достигнувања во однос на институционалната заштита на старите лица. Во 2010 година имаше четири јавни и една приватна установа, денес има пет јавни установи и 26 приватни старски домови, како и алтернативни форми за згрижување стари лица, меѓу кои се дневните центри, изјави Блажевски.

Објавено од 1ТВ

https://1tv.mk/zivot/социјална-инклузија-на-старите-лица/