Црвениот крст на Република Македонија во соработка со здружението Хуманост како партнери во Регионалниот проект „Преземање на акција за социјална инклузија на старите лица“ финансиран од Европската унија, во текот на септември и октомври 2018 година ќе организираат едукативни работилници со граѓани – постари лица во заедниците. Целта е преку едукативните работилници да се поттикнат постарите лица на локално ниво да развијат вештини, да стекнат знаења и да најдат мотивација за борба против социјалната исклученост и изолација и да учествуваат во културните, политичките и социјалните активности во нивните локални заедници, но исто така да се залагаат за различни прашања релевантни за  подобрување на нивниот квалитет на живот.

Во организација на работилниците ќе бидат вклучени и членки на мрежата ИнклузиваМ – здруженија на граѓани кои преку своите програми придонесуваат за социјална вклученост на старите лица. Преку овие работилници ќе бидат опфатени вкупно 1000 граѓани – постари лица од заедниците од Скопје, Крива Паланка, Куманово, Битола, Прилеп, Струга, Охрид, Гостивар, Велес, Кичево, Радовиш, Неготино, Виница, Македонска Каменица и Пехчево.

Првите работилници се одржаа на 09 и 10.09.2018 година во Крива Паланка и Куманово на кои присуствува над 140 граѓани кои искажаа задоволство за можноста да бидат поблиску информирани за човековите права на старите лица, како и начините за нивна вклученост и влијание во носење на одлуки за остварување на одредени права.