Црвениот крст на Република Македонија и Здружението Хуманост, во периодот од 10 до 12 август 2018 година, во Струга, организираа национален состанок со членките на мрежата ИНКЛУЗИВАМ, во рамки на Регионалниот проект „Преземање на акција за социјална инклузија на старите лица“, финансиран од Европската Унија, со поддршка на Австрискиот Црвен крст и Австриската агенција за соработка и развој. Целта на работилницата беше да се подготви Стратешки план за застапување при отворање на сервиси за старите лица. Основа за подготовка на стратегијата беа резултатите добиени со истражувањето за потреба од сервиси за социјални и здравствени услуги за старите лица, кое беше спроведено во текот на минатата година.

 

На состанокот покрај членките на мрежата во подготовката на планот учествуваа и  здруженијата на граѓани кои имплементираат микро проекти за социјална инклузија на старите лица, поддржани преку регионалниот проект. Вкупно 14 организации имаат можност да го креираат стратешкиот план кој ќе содржи развојни приоритети на дејствување во наредниот двегодишен период. Од исклучително значење е да се истакне дека мрежата ја поддржуваат надлежните институции во државата. Претставници на Министерството за труд и социјална политика, Заводот за социјални дејности, Институтот за јавно здравје, Институтот за социјална работа и социјална политика, како и  градот Скопје со своето учество на работилницата дадоа активен придонес во изработка на документот.

Со стратешкиот план утврдени се два приоритети, првиот е поставен во насока да се влијае за промени во правната рамка во системите на социјалната и здравствената заштита кои ќе придонесат за развој на услугите за подобра социјална интеграција на старите лица во општеството и подобрување на квалитетот на старите лица. Вториот приоритет цели кон развој на сервиси  за старите лица согласно нивните индивидуални потреби, со поставување на стандарди за испорака на услугите.

На работилницата присуствуваа и координаторите на проектот д-р Милутин Врачевиќ и Наташа Тодоровиќ од Црвениот крст на Србија, кои ги споделија своите искуства со координирање на активностите на мрежата во Србија.

Учесниците на работилницата искажаа големо задоволство од можноста да бидат вклучени во креирање на Стратешкиот план. Стратегијата ќе биде основен документ за членовите на мрежата за нивно активно учество во застапувањето за подобрување на квалитетот на животот на старите лица.