Во рамки на одбележувањето на „Неделата на грижа на старите лица“, на 21 Ноември во Црвениот крст на РМ се одржа прес конференција на која беа претставени резултатите од истражувањето на тема: „Потреба од социјални и од здравствени сервиси за старите лица“, спроведено во рамките на Регионалниот проект „Преземање на акција за социјална инклузија на старите лица“, финансиран од Европската унија, кој Црвениот крст на РМ го имплементира во партнерство со здружението Хуманост.

На прес конференцијата се обратија: д-р Саит Саити, генерален секретар на Црвен крст на РМ, д-р Елми Азири, заменик министер на Министерството за труд и социјална политика, д-р Гоце Чакаровски, заменик министер на Министерството за здравство и г-ѓа Амбасадор м-р Ренате Коблер на Австриската Амбасада во Р.Македонија.

Генералниот секретар на Црвениот крст на РМ, д-р Саит Саити, истакна дека со вложување на заеднички напори ќе може унапредено да се партиципира во политички дијалог со цел да се влијае врз процесите на креирање на политиките и носење на одлуките за подобрување на квалитетот на живеење на старите лица. Исто така, тој ги истакна и резултатите од истражувањето дека Р. Македонија се соочува со зголемен број на старо население. Со 15% старо население над 60 години, на последниот попис во 2002 година, Република Македонија го надминува коефициентот на старо население од 12%. Според статстичките податоци старото население во 2008 година  учествува со 16,6% во вкупното население во РМ. Прогнозите на Обединетите нации се дека просечното траење на живот во Република Мaкедонија континуирано ќе се зголемува и се очекува просечниот животен век во 2050 година да достигне 79,5 години,  односно 33,0 % на старо население.

Заменик министерот на Министерството за труд и социјална политика, д-р Елми Азири посочи дека старите лица целосно го имаат правото да бидат рамноправни граѓани, правото да бидат заштитени и поштедени од дискриминација, како и рамноправно да ги уживаат своите човекови права.

Заменик министерот на Министерството за здравство, д-р Гоце Чакаровски, истакна дека Министерството за здравство ја поддржува иницијативата за отварање сервиси за социјални и здравствени услуги на старите лица во државата.

Г-ѓа Амбасадор м-р Ренате Коблер на Австриската Амбасада во Р.Македонија, ги истакна досегашните искуства и практики, како и можностите за идна соработка помеѓу Црвениот крст на РМ, Австрискиот Црвен крст и Австриска Амбасада во Р.Македонија.