Црвениот крст на Република Македонија, Хуманост и членките на мрежата ИнклузиваМ, од 20 до 26 ноември 2017 година ја одбележуваат  „Неделата на грижа на старите лица“ под мотото: „Сите сме нивни деца“.

Целта за одбележување  на  неделата е да се подигне јавната свест  за потребата од зголемена интеграција на старите лица во сите сфери на општествениот живот, како и потреба за обезбедување на грижа и помош на старите лица.

Во рамките на Регионалниот Проект „Преземање на акција за социјална инклузија на старите лица“, финансиран од Европската унија, со финансика поддршка на Австрискиот Црвен крст и Австриската агенција за развој, кој Црвениот крст на РМ го имплементира во заедничко партнерство со здружението Хуманост, обезбедена е поддршка за одбележување на неделата, за што се подготвени промотивни материјали флаери со пригодна содржина за информирање на старите лица за нивните права од социјална и здравствена заштита.

Во рамките на проектот минатата година формирана е мрежа на здруженија на граѓани за социјална инклузија на старите лица – ИнклузиваМ,  кои  членки се вклучени во  одбележување на Неделата.

Црвениот крст на РМ во соработка со здружението Хуманост  на 21 ноември 2017 година ќе организира прес конференција со цел да се споделат резултатите од спроведеното истражување за потреба од отворање на сервиси за социјални и здравтвени услуги на старите лица. На 21 ноември ќе се организира и Панел дискусија  на тема: „Потреба од социјални и здравствени сервиси за старите лица“ на која исто така ќе се презентираат реултатите од направеното истражување, заклучоците и препораките кои произлегуваат од изработената анализа.

Во текот на неделата преку општинските организации на Црвениот крст, Црвениот крст на град Скопје, како и членките на ИнклузиваМ ќе се организираат следните активности: акција за бесплатно мерење на шеќер во крвта и крвниот притисок на стари лица, работилници со претставници на владини институции,  граѓанскиот и приватен сектор за поттикнување на активности за активно стареење, посети на стари, осамени  и изнемоштени лица во нивни домови, особено во рурални средини, со вклученост на млади волонтери на Црвениот крст и ангажирање на  здравствени работници (доделување на помош, бесплатни прегледи и сл.), едукативни работилници на теми од интерес за старите лица, креативни работилници, рекреативни активности, спортски натпревари, како и  тематски работилници за поттикнување на социјална инклузија на старите лица.